Деветтиот по ред ораторски натпревар УКЛО Тривиум се одржа на 22.04.2024 година во киното „Манаки“ во Битола. Учесници на натпреварот беа вкупно осум студенти од единиците на универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кои своите аргументи, ставови и размисли ги претставија на слободна тема. Настанот беше организиран од Универзитетско студентско собрание УКЛО- Битола што се одржа под боите на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.

Членови на жирито беа: проф. д-р Виолета Јанушева и проф. д-р Билјана Граматковски од Педагошкиот факултет во Битола, како и м-р Александар Тодоровски, од Ректоратот на УКЛО. Тројцата најдобри оратори се закитија со парични награди, а останатите учесници добија пофалници.

Првото место, со убедливо најголем број на гласови од жирито, го освои Ева Нешкоска, студентка од Педагошкиот факултет – Битола, под менторство на проф. д-р Билјана Граматковски. Второто место, сосема заслужено, му припадна на Антонио Чоневски, студент на втор циклус студии на Педагошкиот факултет во Битола, исто под менторство на проф. д-р Билјана Граматковски. Третото место му припадна на студентот Дарко Трповски од Правниот факултет на УКЛО. Наградените студенти ги очекува интеруниверзитетскиот натпревар кој ќе се одржи по повод 9 Мај.