Почетоци: Педагошка академија

Педагошкиот факултет во Битола ги продолжува традициите на Педагошка академија која како наставно-образовна институција произлезе од прочуената Учителската школа.  Академијата беше основана во далечната 1964 година.  Основната мисија на Академијата беше оспособување на кадар со вишо образование за потребите на училиштата од југозападниот регион на Р. Македонија.  Наставата беше организирана во две години (четири семестри).

Од учебната 1972/73 година Педагошката академија започнува нова развојна фаза: насоките за двопредметна настава се укинати, а со работа продолжува насоката за одделенска настава.  Последното реформско преструктурирање се одвиваше од 1985 до 1990 година, кога на Педагошката академија, покрај Насоката – учител, се воведени паралелки од насоченото средно образование, културолошка насока.  Четири години подоцна, со активирање на нова студиска програма, на Академијата започнува едукација на кадри за предучилишни установи.

Наставниот кадар на Педагошката академија беше формиран од наставници во редовен и во дополнителен работен однос.  И покрај тоа што поголем дел од кадарот немаше академско звање (само двајца беа доктори на науки од соодветна област!), теориската и практичната настава беа организирани на завидно стручно ниво, од страна на професори кои имаа богато педагошко искуство.

За време на триесетгодишното постоење, на Педагошката академија – Битола со вишо образование се стекнаа 29 генерации или вкупно 3184 студенти, од кои: 1394 се оспособија за изведување на одделенска настава, 1673 за предметна настава, 117 станаа воспитувачи.

Континуитет: Факултет за учители и воспитувачи

Конституирањето на Факултет за учители и воспитувачи претставува квалитативно нова развојна фаза во дијахронијата на Педагошкиот факултет.  Со одлука на Советот на Универзитетот во Битола и на Министерството за образование и физичка култура на Република Македонија, а по претходна аналитичка согледба дека постои општествено-економска оправданост, беше одобрен наставниот план и Факултетот за учители и воспитувачи, познат по кратенката ФУВ, ја започна својата високообразовна дејност во 1995 година.

Главната цел и задачата на Факултетот беше сеопфатна подготовка на учители и воспитувачи кои се квалификувани и стручно подготвени да се вклучат во системот на предучилишното и основното училишно воспитание и образовение.  На Факултетот најпрвин беа застапени само две додипломски студиски програми, но набргу потоа се организираа и постдипломски студии, а постдипломците можеа да се стекнат со академско звање доктор на науки во областите методики и образовен менаџмент.

Во чекор со времето: Педагошки факултет

Педагошкиот факултет денес е реномиран член на УКЛО „Св. Климент Охридски“- Битола и модерна високообразовна институција подготвена успешно да ја врши својата мисија – едукација на студенти во областите на образованието.  Факултетот кадровски, просторно и технички е одлично опремен и може да одговори на предизвиците на демократизацијата на општеството и процесите на глобализација.

Факултетот во рамките на својата дејност:
1. го планира остварувањето и развојот на дејностите за кои е основана во рамките на буџетските средства, самофинансирачките активности, донации и слично.
2. врши високообразовна, научно-истражувачка, применувачка, односно уметничка дејност во една или повеќе сродни, односно меѓусебно поврзани научни и стручни дисциплини и уметнички области.

Што Ви нуди Педагошкиот факултет – Битола?

Факултетот Ви нуди студиски програми кои се структурирани според ЕКТС и високите европски стандарди за академски студии:

  1. Студиски програми за прв циклус
  • Наставник за одделенска настава
  • Воспитувач
  • Македонски јазик и книжевност
  • Англиски јазик и книжевност
  • Социјална и рехабилитациска педагогија (Решение)
  • Информатика и Техничко образование (заедно со Техничкиот факултет – Битола)
  1. Студиски програми за втор циклус
  • Менаџмент во образованието
  • Образование на надарени и талентирани
  • Македонски јазик и книжевност
  • Англиски јазик и книжевност
  • Наставник за одделенска настава
  • Воспитувач
  • Информатика и Техничко образование
  1. Студиски програми за трет циклус – докторски студии
  • Менаџмент во образованието
  • Образовни науки
  • Надареност и талентираност
  • Настава по јазик

Како организациони единици на Педагошкиот факултет активни се и центрите за:
Далечинско учење
Перманентно и стручно образование
Еве кои се нашите можности:

  • Акредитирани студиски програми
  • Европски кредит-трансфер систем на студирање
  • Квалитетен наставно-научен и административен кадар
  • Реномирани визитинг и фулбрајт-професори
  • Наставен и вежбовен простор опремен со најсовремена компјутерска и друга аудиовизуелна техника
  • Интернет пристап за секој студент
  • Богата библиотека со читална