Студентите од Педагошки факултет – Битола, што учествуваа во преведувачкиот проект „Во книжевниот универзум на Ацо Шопов“, ја имаа честа да присуствуваат на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“  на покана од г-ѓа Јасмина Шопова, ќерката на Ацо Шопов.

„Молитви на моето тело“ е балетска претстава инспирирана од циклусот поезија на истоимениот наслов на Ацо Шопов. Од единаесет песни од циклусот Молитви на моето тело и песната Раѓањето на зборот, беа портретирани три тематски циклуси – раѓање, преплетување и вознес.

Студентите, под менторство на проф. д-р Силвана Нешковска со преводот на неговото творештво создадоа зборовен универзум. А, на 23.4.2024 преминаа во еден друг – оформен од јазикот на танцот. Зборот се издвои од неговата примарна форма, ги сплети светлините во теминаната што спијат низ неверојатна музика, проткаена од кореографија и поетско читање што низ движењата го претставија раѓањето на зборот. Нежно, а моќно. Современо, а дамнешно. Блиско, а мистично беше доживувањето на Шоповиот универзум, преведен на уметноста на танцот.

Искуството да се преведувваат зборовите беше магично, а присуството на оваа претстава им покажа на студентите како изгледа да се носи на рамо месечината, да се откријат светлините што болат низ дрворед од тела, а ноќта да биде бела. Зборот се раѓаше со секоја нота, низ секое движење и пренесување на бескрајноста од универзумот на Ацо Шопов. Визуелната уметност ја спои поетиката на Шопов, во едно доживување што ќе биде извор кон понатамошна инспирација за творење кое ќе носи придонес во негувањето на Зборот од Шопов.

…играта ќе продолжи пак, со истата таинственост и со иста чедност.