Мобилностa која ја остварив во Ваљадолид, Шпанија, беше една од најневеројатните искуства во мојот живот. Престојот таму не само што ми овозможи да напредувам во моите академски студии, туку и ме поттикна да истражувам нови култури и начини на живот. Јас сум Андреа Ушковска, студентка на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола, добитничка на Грант за мобилност Еразмус+ и би сакала да го споделам моето искуство со вас.

Ваљадолид е град во централна Шпанија, исполнет со богата историја и култура. Во деновите кои ги поминав таму, шпанската гостопримливост беше непрекинато присутна. Секој агол беше исполнет со живот. На почетокот на септември се одржуваше фестивалот „Приказни за Ваљадолид” (Tales of Valladolid), кој траеше околу 7 дена, а за мене претставуваше едно несекојдневно искуство кое ми овозможи да бидам сведок на шпанскиот начин на живеење.

Таму студирав на Универзитетот во Ваљадолид, на факултетот за Педагогија и Социјална работа. Самото студирање во странство за мене беше предизвик, но истовремено и големо задоволство. Имав и можност да се запознаам со поинакви пристапи на учење кои ми овозможија да напреднам во мојата струка.

Одлуката да студирам во странство, макар и за овој краток период, останува една од најмудрите одлуки во мојот живот. Со вакви прилики не се среќаваме секој ден, затоа мој совет е штом имате можност – зграпчете ја! Овие искуства навистина помагаат да се изградите на лично и професионално ниво, проширувајќи ги вашите погледи и хоризонти.

На крај сакам да додам дека со самото тоа што наставата се одвиваше на англиски јазик, многу ќе ми помогне во следните мои планови околу интернационалните студии.