На 22.12.2023 година (петок), во 12.00 часот, во Културен и информативен центар – Битола, се одржa литературно читање „Во книжевниот универзум на Ацо Шопов“ по повод стогодишнината од раѓањето на нашиот голем македонски поетски великан, Ацо Шопов.

Настанот беше во организација на Педагошки факултет – Битола, Македонското научно друштво – Битола и Културен и информативен центар – Битола.

Учесници во литературното читање беа студенти од Педагошки факултет – Битола, од студиските програми Англиски јазик и книжевност (Андријана Трајкова, Бесјона Јусуфи,  Александра Митреска, Суадета Јашари, Меланија Савевска, Фиона Ајрулај, Деспина Јовановска, Димитар Атанасовски, Иванчо Јоноски, Бојан Наумовски, Андреј Делов, Давор Илиевски, Ангела Трајковска, Михаела Каклевска,  Викторија Велјановска, Маринела Јошевска, Михаела Јанкуловска, Анастасија Гиновска, Роса Алушевска, Викторија Ѓуровска, Сара Кекелеска, Теона Неделковска) и Македонски јазик и книжевност (Ева Нешковска и Бојана Наумовска).

Студентите ова литературно читање го реализираа во рамките на еден поголем преведувачки проект кој се одвива трета година по ред на Педагошки факултет – Битола под менторство на вонреден професор д-р Силвана Нешковска и тоа како дел од испитните обврски на студентите по предметот Англиските преводи на македонската книжевност.

Оваа година студентите ја посветија на препеви на англиски јазик на дел од песните на Ацо Шопов, но и преводи на неговите раскази како и преводи на литературни осврти напишана за делата на Шопов, од кои дел беа прочитани на ова литературно читање.Тие исто така работеа на превод на биографијата на Шопов на англиски и на анлиза на веќе препеани песни на Шопов на англиски јазик.

На настанот пред многубројната публика во Офицерскиот дом во Битола свое виртуелно  обраќање имаше и ќерката на Ацо Шопов, г-ѓа Јасмина Шопова, која истакна дека оваа активност на студентите од Педагошки факултет – Битола е една од серијата значајни активности кои се реализирале во различни градови во Македонија во текот на годината посветена на Шопов.

Настанот го модерираше редовен професор д-р Билјана Граматкоски од Педагошки факултет – Битола, додека пак на учениците од Музичкото училиште, Анастасија Петреска (со Шопен и Валцер, опус 42, класа, проф. д-р Татјана Божиновска) и Николче Петкоски (со Шопен, Валцер, опус 34 број 1, класа Маја Божиновска) им беше доверена задачата ова волшебно патување во книжевниот универзум на Шопов да го направат уште повозвишено.