Учениците од средното општинско училиште „Таки Даскалот“ – Битола, заедно со својата професорка по англиски јазик Анета Темелковска, денес го посетија Педагошкиот факултет во Битола. Нивната посета беше дел од низата активности кои се реализираат во рамките на долгогодишната, плодна соработка помеѓу двете институции. Учениците кои учат во билингвалните паралелки во трета и четврта година, при посетата, добија единствена можност да го прошират своето знаење во однос на англискиот јазик и музиката.
Денешната работилница, прва од низата планирани работилници, ја водеше Џејкоб Мол, кој моментално престојува на Педагошкиот факултет како дел од престижната Фулбрајт програма.
Во текот на оваа интерактивна работилница, учениците, заедно со Мол, дискутираа за своите омилени пејачи и музички жанрови како и популарната музика во РС Македонија и Америка.
Работилниците ќе продолжат и во наредниот период. Така, учениците ќе можат не само да ги подобрат своите јазични вештини туку и да ги продлабочат знаењата за музиката, која како универзален јазик ги надминува културните, временските и јазичните бариери.