Стојанка Ќупчева од Педагошкиот факултет – Битола e најдобриот оратор на УКЛО ТРИВИУМ 2023, што се одржа на 17 мај 2023, во организација на УСС УКЛО. Второто место го освои Наташа Присаѓанец од Правниот факултет – Кичево и трето место и припадна на Леона Митревска од Педагошкиот факултет – Битола.
Жири комисијата составена од професори на УКЛО: д-р Билјана Граматковски и д-р Виолета Јанушева од Педагошкиот факултет и д-р Ивона Шушак Лозановска од Правниот факултет, ги оценуваа ораторските вештини и говорничката уметност на десетината учесници од различни единици на УКЛО.
Ораторските говори беа по слободен избор. На овој начин УКЛО УСС им даде можност на студентите да разработат проблематика која ја сметаат за блиска и соодветна за младите луѓе, за да ги пренесат своите идеи и да ги искажат гласно визионерски и авангардни погледи.
Настанот со внимание и поддршка го следеа претставници од менаџментот на УКЛО. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски ги врачи наградите и ловоровиот венец на најдобриот оратор и беа доделени благодарници за сите учесници.
Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска го затвори седмиот по ред УКЛО ТРИВИУМ, при што нагласи дека УСС УКЛО и Универзитетот обезбедија и парични награди за најдобрите и тоа, за прво место 6000 денари, второ место 4000 денари и трето место 3000 денари.
Според Душан Стевановски, студентскиот лидер на УКЛО, УКЛО ТРИВИУМ продолжува да биде интересен настан што истовремено е убаво и забавно студентско и универзитетско случување.