Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, на 6 март 2023 година, на Педагошкиот факултет – Битола, се одржа студентска работилница на тема „Од полова рамноправност до родова еднаквост“. Работилницата ја предводеше проф. д-р Виолета Јанушева, заедно со м-р Марија Стојаноска и магистранд Елизабета Јончиќ. На студентската работилница учествуваа студентите од Педагошкиот факултет, од насоките Македонски јазик и книжевност и Англиски јазик и книжевност, а, на големо задоволство, како почесен гостин, присуствуваше и проректорката проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска. Целта на оваа работилница е да се зголеми свесноста за родовата еднаквост меѓу мажите и жените во општеството за да се намалат родовите стереотипи, па студентите ги искажаа своите мислења и ставови и заеднички заклучија дека има родова дискриминација на жените со помош на јазикот, особено кај именките што означуваат професија, иако изминаа толку години од прогласувањето на рамноправност помеѓу жените и мажите. Исто така, се потенцираше дека во иднина треба да се направат поголеми напори да се реши овој проблем, за родовата еднаквост да го достигне нивото на кое треба да биде, па придобивките од оваа работилница се очигледни, намалување на родовата дискриминација и зголемување на родовата еднаквост меѓу мажите и жените.