Педагошкиот факултет во Битола го одбележа 5 Октомври, меѓународниот ден на учителот со посета на учениците од второ одделение од ОУ „Климент Охридски“-Битола. Придружувани од своите одделенски наставници и персонални асистенти, учениците имаа несекојдневна можност да се запознаат со функционирањето на факултетот, во просторна и организациска смисла. Деканката, проф. д-р Данче Сивакова-Нешковски и професорите им посакаа топло добредојде, а во амфитеатарот имаше пригодно обраќање за важноста и благородноста на учителската професија. Во исто време, во преполниот амфитеатар, учениците читаа пораки за учителот и твореа лични ликовни творби. Изминатите години, Педагошкиот факултет, по повод овој ден, организираше тркалезни маси, каде присутните презентираа свои научни трудови. Овојпат, соработката меѓу одделенските наставници од ОУ „Климент Охридски“-Битола и Педагошкиот факултет, која трае долги години, резултираше со полн амфитеатар насмеани детски лица, токму оние кои благодарение на своите учители, еден ден подготвено ќе се соочат со предизвиците на современиот свет.