На 19.03.2021, студентите од Педагошки факултет-Битола го реализираа своето трето интервју во рамките на нивниот проект „Од студентите на УКЛО за Блаже Конески“.
Овој пат, нивни гостин во просториите на Педагошкиот факултет-Битола беше господинот Менде Младеновски, реномиран новинар и директор на Битолски весник, кој за време на својата долгогодишна плодна кариера напишал илјадници статии и овозможил непречено функционирање на весникот во текот на повеќе децении.
Во текот на овој разговорот студентите имаа можност да дознаат нешто повеќе за реформаторот на македонскиот јазик - Блаже Конески. “Предавањата на професорот Конески беа толку интересни што никој не сакаше да завршат,” – вака Младеновски го започна својот наратив за почитуваниот професор Блаже Конески. Зборувајќи од аспект на негов поранешен студент, Младеновски го опиша Конески со епитетите „скромен“, „великодушен“ и „разумен“. Младеновски посебно го истакна фактот дека во периодот кога тој бил студент на Филолошкиот факултет во Скопје, претставувало огромна чест и задоволство да се студира на факултет каде покрај Конески, предавале и други реномирани професори, како Крум Тошев, Гане Тодоровски, Угриновска и др., кои исто така имаат огромна заслуга за афирмирањето на македонскиот јазик. Со сите овие професори студентите во текот на своите студии граделе посебен однос. Но односот со нивниот професор Конески им останал длабоко врежан во сеќавањето бидејќи наликувал на однос што еден татко го има кон своите деца. Младеновски на Блаже Конески се сеќава не само како на педагог кој бил близок со своите студенти, туку и како на пријател, спремен секогаш да помогне кога за тоа има потреба. Меѓутоа, најважно од сѐ, според Младеновски, е тоа што професорот Конески успешно им ја всадил на своите студенти љубовта за македонскиот јазик и правописот. Знаењето кое Младеновски го стекнал како студент на Конески нашло практична примена во неговите бројни статии во текот на целата негова новинарска кариера. Во таа насока, Младеновски, открива дека многу често кога пишува се присетува на зборовите на Блаже Конески и се чувствува како тој да седи наспроти него, како да го набљудува и да го потсетува да го цени и негува македонскиот јазик.
На прашањето од страна на студентите за тоа дали во тоа време студентите биле свесни за големината на Конески, новинарот искрено одговара дека ни тој ни било кој од студентите во тој момент не претпоставувале дека толкава трага ќе остави работата на Конески во нашата национална историја и култура. Но како одминувале годините, вредноста што ја има наследството на Конески станувала сѐ појасна и поголема а со тоа и зборови коишто Конески им ги кажувал на своите студенти полека на сигурно преминувале во водилка низ нивниот живот.
На крајот од разговорот со студентите, господинот Младеновски испрати моќна порака до младите генерации, поттикнувајќи ги повторно и повторно да се навраќаат на делата на Блаже Конески и константно да го негуваат и практикуваат нивниот мајчин јазик, бидејќи тие се иднината и нивна обрска е да го зачуваат и одржат во живот македонскиот јазик.
Подготвиле
Ивана Петровска – студент во трета година на Англиски јазик и книжевност, ПФБТ
Христијан Тунески – студент во втора година на Македонски јазик и книжевност, ПФБТ