Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола
 Педагошки факултет - Битола
  

На 12.03. 2021, во просторите на Педагошкиот факултет - Битола, на покана на студентите, а во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, гостуваше нашиот познат битолски новинар, господинот Пеце Стефановски.

Разговорот на студентите со г-динот Стефановски претставува едно од серијата интервјуа коишто студентите ги прават со редица реномирани македонски имиња кои имале можност лично да го познаваат нашиот великан Блаже Конески. Проектот е под менторство на универзитетски професори од Педагошкиот факултет-Битола и тоа: проф. д-р Добри Петровски (декан на факултетот), проф. д-р Силвана Нешковска, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, проф. д-р Златко Жоглев, проф. д-р Виолета Јанушева и др.

 

ps1 ps2 

Видео записите од овие интервјуа ќе бидат споделени и со пошироката македонска јавност со цел на таков начин да се придонесе за афирмација на ликот и делото на Конески.

Во едночасовната средба со студентите, Стефановски, користејќи ја својата новинарска умешност и  широка општа наобразба, како и личното познавање со Блаже Конески како негов студент на катедрата за Македонски јазик и книжевност во Скопје, на многу колоритен и експресивен начин, јасно ја долови едноставната, скромна и одмерена личност на Конески. Тој не изостави да ги потенцира и неговата професионалност и високите стандарди кои Конески ги наметнувал во академските кругови како последица на неговиот исклучителен интелект и темелните познавања пред сѐ на македонскиот јазик, но и на другите светски јазици.

Предавањата на професорот ги спореди со „тек на река полна со бистра вода“, значи - едноставни, разбирливи и интересни. Неговиот однос кон студентите го опиша како однос полн со почит и разбирање, но и однос базиран на професионална принципиелност особено во делот на оценувањето. Својата воодушевеност од професорот Конески, Стефановски ја нагласи и во контекст на книгата „Историја на македонскиот јазик“ од којашто учел за истоимениот испит кај професорот Конески. Книгата ја опиша како капитално дело на Конески коешто многу лесно може „да се претвори и во текст од 1000 страници“ поради својот ерудитивен стил.

Стефановски потоа зборуваше и за тоа како тој лично му се оддолжил на својот професор. Имено, воодушевен од длабоката и повеќеслојна лирска поезија на Конески, на една своја книга во којашто ги опишува своите лични искуства од честите посети на Америка, ѝ дава наслов „Самак“, по песната  „Елен самак“ на Конески.

На крај, во духот на тоа што Конески го остави како наследство на македонскиот народ, Стефановски им порача на студентите да го сакаат, почитуваат и негуваат својот јазик, затоа што јазикот не е само идентитетот на народот, туку и самиот народ.

Image result for webmail icon

 

постер за укло тривиум

 

Iknow icon

 

logo kodeks 

 

120736517 345827970003174 4170912189597739481 n
 

akademski kalendar